Противникот одиграа тактички мудро, речиси во целиот меч не напаѓаше од линијата за шест метри со игра без голман, што некако ни ги неутрализира голманите, кои во првото полувреме долго немаа ниту една одбрана. Жолто-црвените не се снајдоа во одбраната, за што говори стартот 2-7 кој како да го најави крајниот епилог.
Но, фарските ракометари со четири гола во низа кон средината на вториот дел дојдоа до највисоки плус осум (26-18), кои им овозможија да играат полесно. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров потоа успеаја само да намалат најмногу до минус шест, но примија гол буквално во последната секунда за предност на противникот која ќе биде многу тешко да се достигне во возвратниот дуел.
Чуден критериум имаа судијките од Германија, кои прелесно ги исклучуваа македонските ракометари, кои на крајот дојдоа до бројката осум наспротив само две на Фараните. Филип Кузмановски со осум гола беше убедливо најпрецизен во жолто-црвената селекција, додека по пет погодоци постигнаа Марко Митев и Никола Костески.
Без разлика на крајниот исход, надеж за чудо има, на реваншот закажан за в недела во „Борис Трајковски“. Трибините на оваа средба треба да бидат полни бидејќи секоја помош ќе биде драгоцена за Македонија.