Првиот светски тениски рекет Новак Ѓоковиќ успешно тргна на мастерс-турнирот кој се игра на земјена подлога во Рим, Италија, а е подготовка за Грен Слем турнирот Ролан Гарос.
Во 1/32-финалето српскиот ас беше подобар од францускиот тенисер Корентин Муте против кого славеше со 2-0 во сетови (6-3, 6-1). Интересна беше најавата на Корентин пред мечот, тоа беше дека може да го победи Ноле, но со покажувањето мускули доби само тениска лекција.
По крајот на натпреварот, се случи скандал. Најдобриот светски тенисер беше удрен со пластично шише во глава од трибините додека потпишуваше автограми, а еден од италијанските новинари известува дека имало и крв.
Ѓоковиќ добил расекотина, имал и вртоглавица, па веднаш бил пренесен во амбуланта каде му била укажана прва помош.