Кошаркарите на НБА шампионот Денвер нагетс го добија третиот меч од полуфиналето на Западот против Минесота тимбервулфс (117-90), со што намалија на 1-2 во плејоф-серијата во која продолжи традицијата на победи на гостинските екипи.
Шампионот се крена „од пепелта“ и тоа во натпревар во кој домашната публика почна со скандирање „Волците во 4“ алудирајќи на чистење на големиот противник, кое сега дефинитивно нема да се случи. Тимот од Колорадо првпат во серијата ја мина границата од 100 поени, а воедно ја одиграа и најдобрата одбрана сезонава. Јокиќ во триумфот придонесе со 24 поени (9/15 за два, 1/3 за тројки, 3/4 слободни фрлања), 14 скока и со девет асистенции.
Најважно за Денвер беше што се разбуди и Џамал Мареј, кој беше незабележлив на вториот меч во страв од влошување на повредата, но и со „тенки“ нерви, кои го чинеа 100.000 долари за фрлање шише со топла вода на теренот. Канадскиот ас ноќеска постигна 24 поени (11/21 од поле), а по нив следуваше Мајкл Портер Јуниор со 21 поен. Кај домашниот тим најефикасен беше Ентони Едвардс со 19 поени.
Следниот натпревар е исто така во Минеаполис и тоа во ноќта помеѓу недела и понеделник во 2 часот по средно европско време.