Македонија се радува: ракометарите ги прегазија Фарски Острови и повторно ќе играат на ракометниот мундијал.
Ракометарите на Македонија запишаа огромна победа над Фарски Острови од 34-26 (19-15), и ја анулирааа негативата од Торшавн за пласман на Светското првенство следната година. Иако на гостувањето загубивме со седум разлика, перфектната игра во СЦ „Борис Трајковски“ надополнета со одличната атмосфера од трибините ги скрши Фараните со епски пресврт.
Македонија продолжи во исто темпо каде што заврши во првото полувреме, па набрзо стигна до девет гола разлика (28-19), по кои Фарски Острови не успеаа да се вратат и да обезбедат историски пласман на СП 2025.
Како во старите добри времиња и со некои други македонски легенди следуваше цепелин. Асистенцијата беше дело на Мартин Серафимов, а егзекутор на цепелинот беше релативно нискиот среден бек Марко Митев.
Овој потег уште повеќе ја подгреа и крена публиката во салата „Борис Трајковски“, изнудувајќи аплаузи и овации.
Во последните минути од полувремето се одржувавме на дистанца,и предноста на полувреме беше четири гола (19-15). Најефикасен наш играч во првиот дел беше Марко Митев со четири гола, а по три дадоа Кузмановски, Пешевски и Серафимов.
Во второто полувреме, со головите на Џонов, Пешевски и Митев заминавме на плус пет голови предност. Кузмановски не реализира напад за шест разлика, се одбранивме а Пешевски погоди за 23-17 во 35. минута. Во следната акција Костески од пенал погоди за седум разлика. Првпат Македонија дојде до предност во двомечот со голот на Кузмановски (27-19), а потоа одбрана врза и Митревски. Во напад од многу тешка позиција важен гол даде Серафимов за 28-19. Со играч помалку Кузмановски погоди за предност од девет гола.
Во последните пет минути беше 31-23 , и плус осум за нас. Фараните реализираа, но Митев даде гол и изнуди исклучување на Расмусен. Во последните напади гостите во очај се обидуваа да се вратат, но на крајот немаа сили за подвиг и македонските ракометари слават пласман на ново Светско првенство.
Жарко Пешевски беше перфектен од линијата за шест и имаше „осум од осум“, Филип Кузмановски даде седум гола, шест голови беа дело на младиот Марко Митев, а пет на Мартин Серафимов. Иако голманите немаа свој ден, Митревски фати четири топки, но две во клучен момент од дуелот.