Фудбалерите на Реал Мадрид испуштија победа на гостувањето кај Виљареал иако водеа со 4-1, во најефикасниот меч од 37. коло на Примера (4-4). „Кралевите“ одиграа перфектно прво полувреме, поведоа рано со головите на Ѓулер и Хоселу, а потоа Сорлот намали на 1-2. До крајот на првиот дел стрелци беа и Лукас Васкез и вторпат Арда Ѓулер за убедливи 1-4.
Сепак, тогаш на сцена стапи Александер Сорлот кој за девет минути даде уште три гола и стана единаесетти играч кој погодил четири пати против Реал. Откако Виљареак израмни на 4-4, до крајот немаше резултатски промени.
Убедлив триумф запиша Барселона против Рајо Ваљекано од 3-0 (1-0). Каталонскиот гигант по пауза од три години и пет меча во низа конечно го скрши тимот чиј гол го брани Столе Димитриевски. Во минатите дуели кумановчанецот беше еден од главните адути на Рајо за добрите резултати против фаворитот, меѓутоа овојпат тој и соиграчите капитулираа.
Резултатот го отвори Роберт Левандовски по три минути игра (1-0). Мрежите потоа мируваа до второто полувреме, а тогаш Педри со два брзи гола во 72. и 75. минута го потврди триумфот.
Висок пораз запиша Атлетико Мадрид дома од Осасуна (1-4). „Јорганџиите“ немаа резултатски мотиви, а иако ниту гостинот ги немаше, сепак беше далеку помотивиран. Раул Гарсија беше двоен стрелец за Осасуна, погодуваа уште Ороз и Торо, додека Мората го даде почесниот гол за Атлетико.
Од водечките екипи победа запиша и Џирона на гостувањето на „Местаља“ кај Валенсија (1-3), додека сигурен беше и Атлетик Билбао против Севиља (2-0).