Грчкиот кошаркарски вицешампион Панатинаикос е финалист во Евролигата откако, во полуфиналниот натпревар го совлада Фенербахче со 73-57.
Тоа е прв пласман за ПАО во натпревар за титулата од елитното европско натпреварување по пауза од 13 години и прв по ерата на Жељко Обрадовиќ. Во недела ќе се бори за седмиот шампионски пехар во својата историја. Победата е апсолутно заслужена ако се знае дека грчкиот тим постојано беше во водство, одигра многу подобро и повеќе го посакуваше триумфот.
Панатинаикос отвори со 12-0, Фенербахче успеа да се врати и на стартот од вториот квартал да се доближи на 20-24, а во третиот период и на само еден пен негатива (50-51). Панатенаикос постигна девет поени по ред за нова двоцифрена предност, а на нешто помалку од три минути пред крајот замина на +15 (70-55) по што веќе беше јасно дека ќе дојде до триумф.
Првото полуфинале се одигра пред полни трибини во „Убер Арена“ во Берлин, како и пред очите на НБА-легендата Скоти Пипен, и ѕвездата на Милвоки, Јанис Адетокумбо.
Матијас Лесор беше најдобар играч на натпреварот со 17 поени и 10 скока, Грант додаде 13 поени, а Нан 11. Кај Фенербахче, Хејс постигна 14 поени, а Гудуриќ додаде 10, но потфрлија некои од главните играчи, пред се Вилбекин кој заврши со само два поена.