Манчестер Јунајтед ја спаси сезоната, и по 13. пат во својата историја, е освојувач на ФА Купот откако го совлада својот градски ривал Сити со 2-1.
Тоа е прв трофеј за „црвените ѓаволи“ во ова натпреварување по пауза од осум години, па со него ја спасија турбулентната сезона која ја завршија на осмата позиција во домашното првенство. Освен тоа, обезбедија пласман во Лигата Европа што делумно ги задоволи навивачите за кои пред нешто повеќе од една деценија, пехар од ФА Купот беше скоро ноикаква утеха.
Херои на Јунајтед на натпреварот беа тинејџерите Алехандро Гарначо и Коби Мејно. Двајцата постигнаа по еден гол во првото полувреме, па по 45 минути игра, беше 2-0. Виновник за првиот гол беше Јошко Гвардиол кој не забележа дека голманот на неговиот тим е излезен и се обиде да го проигра со глава, а со тоа всушност го лобуваше и му овозможи на Гарначо да ја затресе празната мрежа. За вториот гол, заслуга има речиси цела екипа која изведе извонредна акција кој со гол ја круниса Мејно. Манчестер Сити ја имаше контролата над играта, но ретко успеваше да го пробие бедемот на противничката половина, а со тоа и да го загрозат Онана. Камерунецот се истакна со неколку одлични одбрани и во вториот дел, но во 87. минута направи голем кикс по кој Доку намали на 1-2 и го направи финишот неизвесен.
Сепак, во последните десетина минути, заедно со судиското продолжение, Сити немаше сили да постигне уште еден гол и да се избори за продолженија, па Јунајтед дојде до вториот трофеј под водство на Ерик Тен Хаг, по ланскиот во Лига купот. Сити оваа сезона остана само со еден трофеј, во Премиер лигата, откако лани ја освои тројната круна.