САД и Бразил одиграа нерешено (1-1) на пријателски натпревар, а дуелот го одбележа мајсторскиот гол на Кристијан Пулишиќ.
Родриго погоди за водство на Бразил во 17. минута, а само девет минути подоцна Пулишиќ беше стрелец од слободен удар за 1-1.
Во продолжение од средбата имаше шанси на двете страни, меѓутоа мрежите мируваа до самиот крај (1-1).
Се влезе отворено во натпреварот и со две добри шанси. Јунус Муса имаше одличен обид, од преку 25 метри испрати „бомба“ во пречката на Алисон, а на спротивната страна се закани Винициус Жуниор чиј удар го скроти Мет Тарнер. Резултатот го отвори Родриго во 17. минута (1-0). Рафиња испрати топка низ одбраната, а асот на Реал сам пред голот пласира во подалечниот агол.
Сепак, водството и бразилската радост траеше релативно кратко. Течеше 26. минута кога Американците успеаја да израмнат (1-1). Домаќинот доби слободен удар на 17-18 метри, одговорноста ја презеде Кристијан Пулишиќ и стрелаше директно со низок удар во голманската страна. Во вториот дел имаше доста промени, но имаше по некоја шанса на двете страни. За Бразилците се закануваа Ендрик и Родриго, додека во американскиот табор опасни беа Пулишиќ и Аронсон, ама резултатски промени немаше.
Во Јужна Америка се одигра уште еден пријателски меч, а во него Еквадор ја победи Боливија со 3-1.