Репрезентацијата на Турција на Европското првенство играше против единствениот дебитант Грузија и славеше победа од 3:1. Иако загубија, може да се каже дека Грузијците сосема добро се претставија.

Натпреварот започна динамично, Турција имаше повеќе од играта, но и Грузија знаеше да се закани. Резултатот беше отворен по 25. минути игра со фантастичниот волеј на Мулдур. Само две минути подоцна повторно се тресеше мрежата на Мамардашвили, но тој гол на Јилдиз беше поништен по реакција од ВАР поради недозволена позиција.

Грузија од тој момент заигра и подобро, а таквата игра им се исплатеше веќе во 32. минута кога Микаутадѕе ја погоди мрежата на Турција. Со по еден гол на двете страни се замина и на паузата. Вториот дел донесе помирна игра, двете репрезентации како тука повеќе да мислеа на својот гол.

За ново водство се погрижи младата ѕвезда на Реал Мадрид, Арда Ѓулер кој на маестрален начин ја затресе мрежата во 65. минута од средбата.

https://twitter.com/i/status/1803116697710198882

Во вториот дел, Грузија имаше прекрасна шанса да израмни преку Кочорашвили во 70. минута, но тој ја погоди пречката. Во финишот на сцена стапи Мамардашвили, кој ефектно му фати обид со глава на нововлезениот Јазичи, а потоа, Грузија можеше да го казни тоа преку Микаутаѕде кој налета на една нафрлена топка од Кваратчкелија, но си посмета со соиграч и не успеа да погоди од зицер-позиција.

Пред самиот крај, Грузија имаше уште една шанса во екстра-времето, по една мешаница во шеснаесетникот, но луда среќа ја спаси Турција од реми на натпреварот на дождот во Дортмунд. На самиот крај, кога и голманот на Грузија беше во напад, Турција стави печат на победата преку Актуркоглу.

Турција во следното коло на ЕП 2024 ќе игра со Португалија, додека Грузија ја чека меч со Чешка.