Во второто коло од Европското првенство во Германија, селекциите на поранешните југословенски републики играа реми (1-1) и во последното коло ќе бркаат пласман во нокаут фазата. Србија беше пред пораз на овој меч што најверојатно ќе значеше крај на надежите за пласман во осминафиналето, но вака останува во игра.
Во првото полувреме Митровиќ и Влаховиќ го загрозија противничкиот гол, но Облак не дозволи да се затресе неговата мрежа. Слично беше и во вториот дел кога Србите се закануваа, но најголемата шанса ја имаше Шешко кој од далечина опасно го загрози Рајковиќ и малку недостасуваше да го совлада.
Резултатот беше отворен во 69. минута. Гачиновиќ ја загуби топката на противничката половина, па Словенија тргнаа во контранапад со четворица фудбалери. Од левата страна, по земја нафрли Елшник, Милинковиќ-Савиќ задоцни на втората статива, а таму се најде Карничник кој ги доведе Словенците во водство.
Во натамошниот дел од мечот српската репрезентација со сите сили се обидуваше да дојде барем до израмнување и еден бод од овој меч и успеа во тоа дури во петтата минута од судиското продолжение. По силната иницијатива и неколкуте пропуштени шанси, Србите добија корнер во 95. минута, Илиќ нафрли од десната страна, а Јовиќ со глава конечно го совлада Облак.
Сепак, овој резултат не ѝ носи ништо посебно на Србија бидејќи на избраниците на Драган Стојковиќ им е потребна победа против Данска во последното коло. И Словенците се во незавидна ситуација затоа што во третиот круг се среќаваат со најголемиот фаворит на првенството – Англија.