Со освоениот бод и ремито без голови на „Алијанц Арена“ во Минхен, Данците го освоија второто место. Тие беа буквално израмнети со Словенија, која исто така одигра 0-0 против фаворитот Англија, а втората позиција ја заслужија поради соодносот на жолти картони.
Селекторот Драган Стојковиќ ги остави на клупата Тадиќ, Јовиќ, Влаховиќ и Милинковиќ-Савиќ, но откако во првото полувреме Србија не успеа да упати ниту еден удар кон голот на Данска, ги внесе сите во игра во вториот дел, барајќи победнички погодок. Сепак, освен обидите на Митровиќ и Милинковиќ-Савиќ, Србија не покажа ништо значајно и не заслужи победа на дуелот во Минхен.
Англија и Словенија во Келн одиграа 0-0, доволно за гордиот Албион да го освои првото место. На Сака не му беше признат гол поради офсајд позиција, но избраниците на Герет Саутгејт, иако неубедливо, ја исполнија својата цел во групната фаза од Европското првенство.
Данска во осминафиналето оди на домаќинот Германија, мечот ќе се игра на 29 јуни.