Фудбалерите на Шпанија и Франција ќе се борат за влез во финалето на ЕП во Германија. Тоа ќе биде 37-ми натпревар меѓу нив. Шпанците имаат шеснаесет победи, Французите три помалку, додека седум натпревари завршија нерешено.
На големите натпреварувања, ова ќе биде нивни седми дуел, а Французите беа четири пати поуспешни. Тие се сретнаа за првпат во финалето на ЕП во 1984 година. Предводени од маестралниот Мишел Платини, „галските петлиња“ славеа со 2-0 на „Паркот на принцовите“ во Париз и го кренаа првиот европски пехар. Платини и Белоне триумфот го украсија со голови против генерацијата на „црвената фурија“ предводена од голманот Луис Арконада, Камачо, Сантиљана…
Наредниот дуел беше во групата Б на ЕП во 1996 година, резултатот беше 1-1 (стрелци Џоркаеф и Каминеро) и двете селекции се пласираа во четвртфиналето. Четири години подоцна во Холандија и Белгија, со головите на Зинедин Зидан и Јури Џоркаеф, „триколорите“ се пласираа во полуфиналето со победа над Шпанците од 2-1, а потоа го кренаа трофејот во големото финале и ги обединија светската и европската титула.
Французите ѝ нанесоа нова рана на „црвената фурија“ на СП во 2006 година во Германија. Во осминафиналето, Франк Рибери, Патрик Виеира и Зидан го неутрализираа водечкиот гол на Давид Виља и ја одведоа својата селекција во нокаут-фазата, сè до финалето, кое го загубија од Италија на пенали.
Единствениот триумф Шпанците го остварија на Европското првенство во 2012 година. Во четвртфиналето победија со 2-0 со головите на Чаби Алонсо во 19. и 90. минута, а потоа ја освоија европската титула, декласирајќи ја Италија во финалето со 4-0. „Фуријата“ тогаш ја обедини светската и европската круна.
Првиот и последен дуел на овие две селекции беше финале. Франција го доби и второто финале во 2021 година, овој пат во Лигата на нации на УЕФА. Иако Микел Ојарзабал ја доведе „ црвената фурија“ во водство, Карим Бензема и Килијан Мбапе направија пресврт и на „галските петли“ им донесоа нов пехар.