Македонските ракометни надежи ќе играат за пласман на 9. позиција на ЕП во Целје, откако во денешниот претпоследен за нив меч на шампионатот ја совладаа Унгарија со 27-26 по голем пресврт во второто полувреме.
Унгарците одлично го почнаа вториот дел од натпреварот и поведоа со 18-15, што како да ги налути избраниците на селекторот Раде Стојановиќ, кои потоа со серија 8-2 не само што ја анулираа негативата туку дојдоа до идентична позитива, која потоа ја задржаа до самиот крај.
Македонија имаше плус три на една и пол минута до крајот, но кога се чинеше дека е готово, во финишот имаше драма. Унгарците во завршните моменти имаа чиста ситуација за да изедначат, но сирената отсвири крај на мечот, и тоа беше знак за радост на тимот на Раде Стојановиќ и Бранислав Ангеловски.
Узунчев со осум голови беше најефикасен кај Македонија, Карасманакис постигна пет, а голманите Брестовац и Галевски имаа по шест интервенции.
Ова беше четврта победа во седмиот дуел за жолто-црвените на континенталниот собир што им донесе можност да играат за најдобрата позиција надвор од селекциите што се најдоа во четврт-финалната фаза. Наш противник во битката за 9. место ќе биде подобриот од пресметката помеѓу Франција и Хрватска.