Почетокот на натпреварот донесе подобра игра на нашите ракометари, па набрзина поведовме со три разлика (1:4).
Сепак, Французите брзо се вратија и со серија од три гола изедначија на 4:4. По неколку минути изедначена игра, Македонија одново наметна темпо и до крајот на првиот дел стигнавме и до највисоките во натпреварот „плус пет“. На паузата македонските ракометари водеа со 10:15.
Успешно ја одржувавме таа предност и во второто полувреме се до завршницата. Како што наближуваше крајот на натпреварот, Франција се враќаше и ја намалуваше разликата.
Така дојдоа до изедначување на 25:25 и од тој момент гледавме неизвесна завршница во која на крајот сепак ние се радувавме на победата. Последните моменти донесоа и драма во која Франција доби пенал, меѓутоа Галевски за наша среќа го одбрани, Митев во таа ситуација заработи и исклучување.
За Македонија најефикасни беа Субашевски и Митев со по шест гола, Узунчев додаде пет, а четири пати во листата на стрелци се запиша Калајџиески. Треба да се каже дека Франција во текот на целиот натпревар ниту еднаш не дојде до водство.