Со свеченото отворање вечерва и официјално ќе бидат отворени Летните олимписки игри во Париз. За првпат во историјата на Олимпијадата, свеченото отворање нема да се одржи на стадион, туку на брегот на реката Сена. Повеќе од 6.500 спортисти во 85 чамци ќе пловат покрај исконските споменици на Париз, што ќе означи пресвртница и ќе воведе нова ера на Олимписките игри.

Настанот ќе ги обедини уметноста, спортот и културата што ќе создаде незаборавен спектакл, надминувајќи ги невидените логистички и безбедносни предизвици. Целиот чин на oтворањето ќе трае три часа и 45 минути. Олимписките игри во Париз 2024 година ќе траат седумнаесет дена.

Македонија ќе учествува со шест олимпијци, кои ќе се борат за најдобри лични остварувања и медали. Знаменосци на македонската делегација ќе бидат маратонецот и нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски и теквондистката Милијана Рељиќ. Покрај знаменосците, нашиот спорт во Франција ќе го претставуваат уште пливачот Ѓуретановиќ, Анастасија Мојсовска во дисциплината спортско стрелаштво, џудистот Шерифовски и борачот Егоров.

Македонските спортисти досега имаат освоено четиринаесет олимписки медали и тоа сите на Летна Олимпијада: две злата, шест сребра и шест бронзи. Голем дел од нив медалите ги освоиле како југословенски олимпијци, а Ибрагимов и Георгиевски се единствени олимписки медалисти по осамостојувањето.

Освојувачи на медали на олимписки игри се:
Благоја Видиниќ – ЛОИ Мелбурн – 1956 – сребрен медал
Благоја Видиниќ – ЛОИ Рим – 1960 – златен медал
Благоја Георгиевски – ЛОИ Монтреал – 1976 – сребрен медал
Аце Русевски – ЛОИ Монтреал – 1976 – бронзен медал
Шабан Сејдиу – ЛОИ Москва – 1980 – бронзен медал
Шабан Сејдиу – ЛОИ Лос Анџелес – 1984 – бронзен медал
Азис Салиху – ЛОИ Лос Анџелес – 1984 – бронзен медал
Милко Ѓуровски – ЛОИ Лос Анџелес 1984 – бронзен медал
Реџеп Реџеповски – ЛОИ Лос Анџелес – 1984 – сребрен медал
Шабан Трстена – ЛОИ Лос Анџелес – 1984 – златен медал
Шабан Трстена – ЛОИ Сеул – 1988 – сребрен медал
Стојна Вангеловска – ЛОИ Сеул – 1988 – сребрен медал
Могамед Ибрагимов – ЛОИ Сиднеј – 2000 – бронзен медал
Дејан Георгиевски – ЛОИ Токио 2021 – сребрен медал