Кошаркарите на Австралија во голем стил ги почнаа Олимписките игри во Париз, во првиот меч беа подобри од актуелниот европски шампион Шпанија со 92-80.
Австралијците постојано ја имаа контролата над резултатот. Уште на почетокот стана јасно дека се решени да одат на триумф, погодуваа од сите позиции, а најразигран беше Џош Гиди кој во првата четвртина постигна 11 поени.
На стартот од вториот период Љуљ погоди две тројки и ја врати Шпанија на само четири поени негатива, но Австралија успеа да ги одбие нападите и со +7 замина на голем одмор. Најблиску до пресврт Шпанците беа кон средината на третиот квартал кога дојдоа и до водство по тројката на Алдама (56-54). Австралија направи серија од осум поени, подоцна уште една од 7-0 и отиде на 69-59. Во последните 10 минути предноста отиде и на +13, Шпанија во последната минута се доближи на шест поени негатива, но со тројките на Милс и Дениел, Австралија ги постави конечните 92-80.
Џок Лендејл со 20 поени и 9 скока беше најдобар играч во австралиската репрезентација, Милс постигна 19 , а Гиди 17 со 8 скока и 8 асистенции. Кај Шпанците единствен разигран кошаркар беше Санти Алдама кој постигна 27 поени со 6 тројки од 8 обиди.