По освојувањето на Европското првенство за сениори од страна на селекцијата на Луис де ла Фуенте, сега Шпанците слават уште една европска титула.
„Црвената фурија“ го доби финалето на Европското првенство за играчи до 19 години против Франција со 2-0 (1-0), обезбедувајќи го и овој европски пехар. Пресметката која се одигра на „Виндсор Парк“ во Белфаст понуди по гол во двете полувремиња.
Иако Французите ја имаа првата вистинска закана преку Сумаоро, резултатот го отвори Икер Браво во 41. минута од натпреварот. Младиот Шпанец погоди по асистенција од Меља за 1-0. Во продолжението предноста ја удвои Асане Диао, кој во 69. минута го пронајде патот до мрежата за 2-0.
Во финишот Французите останаа со десетмина, бидејќи Јони Гомис доби црвен картон, па немаа сили за било какво изненадување.