Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го доби мега-дуелот против Рафаел Надал (2-0) во второто коло на ОИ во Париз. Можеби последниот меѓусебен дуел на овие два големи шампиони мина во знакот на тенисерот кој е во врвна форма – Ѓоковиќ. Надал немаше доволно сили да парира, па го одигра последниот меч на Игрите и се прости од „Филип Шартрие“ во сингл конкуренција уште во втората рунда.
Видливо беше дека Надал не е во формата од пред неколку години, а Ѓоковиќ кој исто така имаше одредени проблеми во последниот период делуваше сигурно. Србинот отвори одлично, сервираше добро и освои два брејка на самиот старт. Поведе Ѓоковиќ и со 5-0 на свој сервис, пред Надал да го освои првиот гем на мечот. Ноле со првата сет-топка дојде до 6-1 и предност.
На отворањето на вториот сет Надал пак се најде во проблеми. Не искористи водство од 40-30, Ѓоковиќ во вториот обид му направи прв брејк во вториот сет. Продолжи српскиот фаворит да игра на исто ниво, лесно го освои и вториот гем, а потоа во третиот гем одново од втор обид одзеде противнички сервис (3-0). Србинот влезе во проблеми, додека Шпанецот го крена нивото. Надал сервираше добро за 4-3, а потоа со спектакуларен поен го направи вториот брејк во сетот за 4-4.
Деветтиот гем беше еден од најважните, Ѓоковиќ имаше три неискористени брејк можности, за потоа од четвртиот обид да дојде до нов брејк за 5-4 и сервис за победа.
На Ролан Гарос се сретнаа вкупно десет пати, а Надал води со 8:2 во победи. Еднаш се сретнаа и на Олимписките игри, и тоа пред 16 години во Пекинг кога Надал беше подобар во полуфиналето на патот кон своето единствено злато во поединечна конкуренција.Ѓоковиќ и Надал заедно имаат дури 46 титули во поединечна конкуренција на гренслем турнирите: Ѓоковиќ 24, а Надал 22.