Италијанскиот тим Милан се радуваше на минимална победа против Реал Мадрид (1-0), на пријателски натпревар одигран во Чикаго во рамките на турнејата во Соединетите Американски Држави.
За оваа средба изненадувачки тренерите Пауло Фонсека и Карло Анчелоти се решија за квалитетни стартни состави. Во Милан од првата минута заиграа стартерите Томори, Калабрија, Чао, Лофтус-Чик, Бенасер, Чуквуезе… Од друга страна во тимот на Реал се најдоа Куртоа, Рудигер, Себаљос, Модриќ, Диаз, Ѓулер, Ендрик.
Се одигра мирно и израмнето прво полувреме кое не понуди голови на дуелот во Чикаго. На стартот на продолжението Анчелоти смени шест фудбалери, а непосредно потоа Милан дојде до предност. Младиот Либерали го проигра Самуел Чуквуезе, кој откосо го матира голманот Лунин за 1-0 во 55. минута. Следеа промени на практично цел тим и во Милан, а темпото на игра опадна и немаше промена на резултатот до крајот.
Интересно е што ова е прв пораз за Реал, макар и на неофицијален меч, по пауза од шест месеци откако загуби во јануари од Атлетико во осминафиналето на Копа дел Реј. Што се однесува до Милан, ова е втор триумф за него за време на подготовките во САД, по триумфот против Манчестер Сити со 3-2.
Интересен детаљ на трибините во првите редови беше и македонското знаме кое го истакна навивач на некој од клубовите. Познато е дека и Милан и Реал Мадрид имаат доста навивачи во земјава, а некој од нив беше сведок на пријателскиот меч во Чикаго и тоа од првите редови.