Кошаркарската репрезентација на Македонија до 18 години го одигра најдобриот натпревар на Европското првенство (ЕП) Б-дивизија и со победа над Португалија (71-42) се пласира во полуфиналето на турнирот.
Избраниците на селекторот Андреевски експлодираа во СРЦ „Кале“ и донесоа значајна победа, просто ги демолираа Португалците. Во натпревар без многу осцилации, нашите надеши водеа од самиот почеток до крајот, па Македонија влезе меѓу најдобрите четири на еврошампионатот и само една победа ја дели од сигурно место во А-дивизијата
Што се однесува до натпреварот, уште по првиот квартал нашите кошаркари имаа 17-8, предност која ја задржаа и до полувремето. Следеше експлозија во третата четвртина и само девет примени поени, тоа донесе дваесет поени позитива по триесет минути игра (51-31). Португалија во ниту еден момент не претставуваше опасност и закана дека може да направи сензација во Скопје
Најдобар стрелец кај Македонија беше Марко Луканоски со 17 поени и 14 скока, пред Никола Јаничиќ со 16 поени, седум скока и четири асистенции. Двоцифрен учинок имаа и Стефан Стојковиќ (13 п.) и Лука Марјановиќ (10 п.). Кај Португалија Натан Норона постигна 12 поени.
Во полуфиналето на ЕП Б-дивизија, Македонија У18 ќе игра со Швајцарија или Бугарија.
=