Ливерпул забележа убедлива победа во големото англиско дерби против Манчестер Јунајтед (3-0) во последниот контролен натпревар кој „црвените“ го играа во САД пред стартот на новата сезона.

 

Избраниците на новиот стратег Арне Слот одиграа одличен натпревар и ги искористија шансите, наспроти Манчестер Јунајтед на Ерик Тен Хаг кој покажа доста слабости. Јунајтед се мачеше со реализацијата, посебно во првото полувреме кога имаше двојно повеќе шанси од противникот, но не ги искористи.

Уште во 10. минута младиот Фабио Карваљо по асистенција на Диого Жота ја најави победата. Во 36. минута, Куртис Џонс доби топка од Мо Салах и зголеми на 2-0 и тоа беше резултат на паузата. Во вториот дел, Костас Цимикас го постави конечниот резултат.

И Манчестер Јунајтед и Ливерпул ја завршуваат американската турнеја со овој дуел. „Ѓаволите“ ги чека меч во Комјунити Шилд против Манчестер Сити на 10 август, додека Ливерпул ќе игра уште еден тест дуел со Севиља на 11 август.