Манчестер Сити полека ја подигнува формата, по поразите од Селтик и Милан, во натпревари во кои Гвардиола играше со „шарен“ тим, првакот на Англија ноќеска во Колумбус го победи Челзи со 4-2 (2-0).
Во два наврати тимот на Гвардиола постигна два гола за три минути и го уништи составот на Мареска, кој е уште во конструкција и го бара стартниот тим. Халанд во третата и петтата минута погоди за двојно водство на „граѓаните“. Со овој резултат се замина на одмор, иако и Нкунку и Мадуеке имаа шанси за „сините“.
Во вториот дел пак Челзи беше „потопен“ од индивидуалната класа на напаѓачите на противникот. Младиот норвешки репрезентативец Оскар Боб со минијатура зголеми на 3-0, а потоа неколку години повозрасниот негов сонародник, Халанд, круниса една одлична тимска акција за 4-0.
Следеше серија на замени и откако темпото опадна Челзи преку Стерлинг и Мадуеке го ублажи поразот. Сити следниот викенд го игра Суперкупот на Англија против Манчестер Јунајтед, а Премиер лигата ја стартува со дуел со Челзи на 17 август.