Јуниорската репрезентација на Македонија У18 го освои првото место и е европски шампион на Европското првенство Б-дивизија кое се одржа во Скопје, откако во големото финале славеше над Австрија (98-88).
Во дуелот на непоразените, Македонија беше подобра од Австријците во меч во кој целосно доминираше од почетокот до крајот. Нашиот национален тим забележа осум победи на осум средби, а покрај Австрија во финалето, во нокаут-рундата славеше над Португалија и Бугарија, а претходно во групата ги доби Ирска, Кипар, БиХ, Чешка и Украина.
Првата четвртина беше израмнета, меѓутоа во знакот на Македонија (32-29), а веќе во следната нашиот национален тим беше подобар со двоцифрена разлика од противникот. Иако имаше мал пад во играта, сепак, избраниците на Андреевски брзо се консолидираа и работите дојдоа на своето место. Не ја испуштивме високата предност од почетокот до крајот и победата на Македонија е чиста како солза.
Дуелот за титулата целосно помина во знакот на македонската репрезентација која беше во негатива само една минута. Австријците беа рамноправни во првото полувреме, пред се поради добриот шут за тројка, но во продолжение работите си дојдоа на своето место. Во втората четвртина нашите кошаркари ја стегнаа одбраната и на полувреме веќе имаа убедлива предност од 13 разлика (57-44).
Австрија се закани во третиот период кога се доближи на само пет поени негатива (54-59), но нашите играчи не дозволија пресврт и брзо се одлепија на двоцифрена предност која потоа не ја испуштија до последната минута од мечот. Се беше јасно на стартот од последниот квартал кога Македонија отиде на +20 (84-64).
Никола Јаничиќ одигра извонреден натпревар и со 30 поени беше најефикасен играч во нашата репрезентација, а Младеновски додаде 14 поени. Одлични беа и Марјановиќ, Лукановски, Трајанов. Македонија ја освои титулата со максимални осум победи од кои само една, против Чешка, не беше изразена со двоцифрена разлика. Тоа најдобро зборува за моќта и доминацијата на оваа генерација од која има најмалку петмина кошаркари кои можат во иднина да бидат стандардни сениорски репрезентативци.