Реал Мадрид, носителот на трофејот во Лигата на шампионите, и победникот во Лига Европа, Аталанта, ќе се судрат во Варшава во натпревар за Суперкупот на УЕФА. „Кралскиот клуб“ во мај ја совлада Борусија Дортмунд и по 15-ти пат е шампион на Европа, додека Аталанта изненадувачки ја прекина совршената серија на Баер Леверкузен и го освои својот прв трофеј во европските натпреварувања.
Реал Мадрид до сега има пет Суперкупа на Европа во својата витрина, колку што имаат и Барселона и Милан, и ако денес победи, ќе стане првиот клуб со шест вакви трофеи.
Тимот на Карло Анчелоти нема пораз во официјален натпревар од јануари, кога испадна од Атлетико Мадрид во Купот на Кралот. Во претсезонските подготовки, Реал не беше толку убедлив и запиша две победи и два порази. Победите беа против Албасете (3-0) и Челси (2-1), а поразите од Милан (0-1) и Барселона (1-2).
Реал конечно успеа да ја реализира својата долгогодишна желба и да ја привлече суперѕвездата на ПСЖ и францускиот фудбал, Килијан Мбапе. Се очекува напаѓачот да дебитира уште на денешниот натпревар, а за него би било сон да освои трофеј уште во првиот натпревар со дресот на Реал. Сепак, тимот веќе е без двајца од своите маркантни фудбалери од последните години, Тони Крос и Начо Фернандез.
Од друга страна, Аталанта има само два значајни трофеи во својата историја, а требаше да чека 61 година за вториот од нив. Екипата од Бергамо е 41. тим кој ќе игра во натпревар за Суперкупот. Тренерот на тимот, Џанпјеро Гасперини, веќе го означи натпреварот против Реал како најголемиот момент во историјата на клубот. Аталанта не успеа да победи на ниту една од трите пријателски средби летово, откако одигра нерешено со АЗ Алкмар (2-2) и претрпе тешки порази од Парма (1-4) и Сент Паули (0-3).
Статистиката покажува дека носителот на трофејот од Лигата на шампионите го освојувал Суперкупот во 10 од последните 11 изданија. Единствениот исклучок во овој период е токму Реал, кој во 2018 година загуби од Атлетико Мадрид со 2-4 во Талин.