Фудбалерите на Динамо Загреб извојуваа сигурна победа над Карабах во првиот натпревар од плеј-офот во Лигата на шампионите славејќи на својот „Максимир“ со 3-0 (1-0).
Динамо на домашен терен го растури азербејџанскиот Карабах и со едната нога веќе е во главната фаза од елитното натпреварување. Хрватскиот првак преку Пјаца во 29. минута го отвори резултатот. Во второто полувреме Куленовиќ уште два пати ја затресе противничката мрежа за убедлив триумф, на задоволство на домашните навивачи. Стефан Ристовски на теренот помина само 20-тина минути бидејќи мораше да замине во соблекувална поради повреда.
Задоволни по првиот меч можат да бидат и навивачите на Црвена Звезда бидејќи нивниот тим се враќа со минимален пораз од тешкото гостување на северот на Европа, кај норвешкиот Боде. Домаќинот славеше со 2-1 и покрај тоа што во еден момент се чинеше дека Звезда ќе доживее катастрофа.
Сите три гола паднаа во второто полувреме, Боде преку Бјортуфт и Мата поведе со 2-0, но имаше голема доминација и постојано се играше пред голот на Звезда. Надежите на „црвено-белите“ ги сочува Мимовиќ кој во 75. минута го постави конечниот резултат, а тој ветува преполни трибини идната среда на „Рајко Митиќ“.
Во третиот натпревар одигран вечерва, Лил без поголеми проблеми ја победи Славија Прага, со 2-0.