Фудбалерот на Данди Јунајтед, Кристијан Трапановски ќе биде најновиот дебитант во репрезентацијата на Македонија, за претстојните натпревари против Фарски Острови и против Ерменија, на стартот од новото издание во Лигата на нации. По одличните игри во дресот на Данди Јунајтед на почетокот од оваа сезона, Трапановски доби повик од селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски.
Покрај него, Данди Јунајтед објави дека повикан е и Давид Бабунски.
„Првпат играм во ист тим со Давид, кој е одличен фудбалер за што доказ се и десетте години минати во Барселона. Верувам дека вака заедно ќе играме за Македонија. Се надевам дека селекторот Милевски будно ги следи натпреварите на Данди за да види во колку добра форма сме двајцата“, изјави Трапановски пред неполн месец, кога потпиша за Данди Јунајтед.
Тој претходно играше одлично и во Шкупи, но не добиваше повик во националниот тим.