Откако најдобриот полски фудбалер Роберт Левандовски изјави дека не може да замисли да игра против Русија откако Русите ја нападнаа Украина, се огласи и полскиот голман Војчех Шчесни. Голманот на Јувентус изјави дека нема да игра за Полска во баражот за Светското првенство на 26 март против Русија.
Полјаците треба да гостуваат во Москва во полуфиналето од плеј-офот за Светското првенство, но денеска Фудбалскиот сојуз на Полска соопшти дека не сакаат да играат со Русите. Шчесни се огласи на Инстаграм.
„Мојата сопруга е родена во Украина, украинската крв тече во вените на мојот син, дел од нашето семејство се уште е во Украина, познавам многу Украинци и сите тие се одлични луѓе. Да ги видам страдањата на нивните лица и стравот за нивната земја… Не можам да стојам во место и да се преправам дека ништо не се случило.
Кога Путин реши да ја нападне Украина, тој објави војна не само на Украина, туку и на сите вредности за кои се залага Европа. Слобода, независност, но пред се мир. На 26 март требаше да играме против Русија во плејоф натпреварот за Светското првенство во Катар 2022 година. И иако срцето ми се кине додека го пишувам ова, совеста не ми дозволува да играм.
Да ја претставуваш својата земја е најголемата чест во кариерата на еден фудбалер, но сепак е избор. Одбивам да играм против играчи кои избираат да ги претставуваат вредностите и принципите на Русија! Одбивам да застанам на теренот во боите на мојата земја и да ја слушам химната на Русија. Одбивам да учествувам во спорт кој ги легитимира постапките на руската влада.
Знам дека моето влијание може да биде само симболично, но ги повикувам ФИФА и УЕФА да преземат мерки и да ги казнат Русите за нивните постапки“, изјави 31-годишниот голман.
Полјаците ќе го претстават својот став заедно со Шведска и Чешка, кои исто така треба да играат квалификации во Русија, пред ФИФА и да ја чекаат одлуката на чадорот на светската фудбалска организација.