Третиот светски рекет шпанецот Карлос Алкараз го заврши својот настап на УС Опен уште во второто коло. Тој доживеа сензационална елиминација од анонимниот Холанѓанаец, Ботик ван де Зандшлуп, 74. на АТП листата.
Да биде сензацијата поголема, Алкараз не успеа да освои ниеден сет, а првиот го загуби со само еден освоен гем (1-6, 5-7, 4-6) за 2 часа и 21 минута игра. Ван де Зандшлуп фуриозно го започна мечот и уште тогаш најави изненадување. Поведе со 3-0, Алкараз ја прекина неговата серија со еден освоен гем, но следуваа уште три за Холанѓанецот за водство од 1-0 во сетови.
Во вториот, двајцата тенисери освоија по еден брејк, а клучен беше 11. гем кога Ван де Зандшлуп одзеде сервис на противникот и потоа го потврди со што поведе со 2-0. Слично беше и во третиот сет, повторно по еден брејк за потоа Холанѓанецот да поведе со 5-4 и на свој сервис да стави крај на дуелот.
Алкараз пропушти голема шанса да стигне далеку на УС Опен бидејќи во третото коло требаше да има лесна работа, а претходно беше елиминиран најдобриот тенисер од потенцијалните ривали до полуфиналето, Хуберт Хуркач, седми носител на турнирот. Ван де Зандшлуп во третото коло ќе игра со Дрејпер од Велика Британија, а интересно е тоа што ова не е негов најдобар пласман на УС Опен бидејќи во 2021 година стигна до четвртфиналето.