Европската фудбалска унија ги одреди сите натпревари од ЛШ за сезоната 2024/25. Елитното натпреварување ќе се игра во нов формат од оваа година, бројот на клубови е зголемен од 32 на 36, нема повеќе групи, туку сите учесници формираат една лига, а секој клуб ќе одигра по осум натпревари. Четири дома, четири на гости, со по еден натпревар против осум различни противници.

Првите натпревари ќе се играат од 17 до 19 септември, односно од вторник до четврток и таа седмица ќе биде посветена само на Лигата на шампионите, додека Лигата на Европа и Конференциската лига ќе започнат една недела подоцна.

Првите осум клуба од заедничката лига по осум одиграни натпревари директно ќе се пласираат во осминафиналето, а оние од 9. до 24. место ќе играат бараж за преостанатите осум места во второто коло. Останатите екипи испаѓаат од натпреварувањето.