Тинејџерот Ламин Јамал е фудбалерот од кого многу се очекува во иднина, а Барселона не помислува да се откаже од неговите услуги. Доказ за тоа е и последната изјава на агентот на Дани Олмо.
Имено, според неговите зборови, Барселона во текот на летото одбила понуда за Јамал во износ од 250 милиони евра.
Енди Бара не го откри името на клубот, меѓутоа во јавноста се шпекулира дека станува збор за Пари Сен Жермен со кого младиот фудбалер се поврзуваше во изминатиот период.
„Знам со сигурност, Барселона одби понуда од 250 милиони евра за Ламин Јамал“, кратко изјави Бара.
Јамал зад себе има одлично лето во кое блескаше на Европското првенство, а одличен е и на почетокот од сезоната во Ла Лига каде што е еден од носителите на играта на Барселона која има пет победи во исто толку натпревари. Јамал има постигнато три голови оваа сезона во шпанската Примера.