Барселона ја забележа седмата победа на стартот од сезоната во Примера, со триумфот над Хетафе со 1-0. Голот за три бода го постигна полската гол машина Роберт Левандовски, кој уште еднаш се запиша во книгата на рекорди на клубот.
Како и во сезоната 2022/23, Полјакот постигна седум голови на седум натпревари и само потврди дека навистина му се допаѓа концептот за игра на тренерот Ханси Флик. Лева е седмиот играч на Каталонците со толку ефикасен старт на сезоната заедно со Каетано Реа, Кини, Роналдо, Меси (четири пати) и Нејмар.
Седмата победа во низа го внесе и тренерот Ханси Флик во статистиката на Примера, бидејќи тој е само вториот тренер на Каталонците кој има толку добар старт, а само четврти во Примера, кога се бројат дебитантските сезони. Претходно тоа им успеа само на Хозе Мануел Диаз Новоа (Спортинг 1979), Вандерлеи Луксембурго (Реал Мадрид 2005) и Херардо Мартино со Барселона во 2013 година.
Спортинг, Реал, и Барселона во тие сезони со стартот од 7/7 не ја освоија титулата во Примера! На Флик му треба уште една победа за да се израмни со Мартино (осум победи по ред), а таа може да дојде в сабота против Осасуна.