Екипата на Арсенал го доби дербито на денот во второто коло од ЛШ. На „Емирати“ го победи францускиот шампион ПСЖ, со 2-0.
Шпанскиот стратег Луис Енрике имаше големи проблеми во составувањето на стартниот тим за овој натпревар. Надвор од конкуренција останаа Дембеле (казна), Лукас Хернандез, Кимпембе и Гонзало Рамос, додека на клупата останаа Коло Муани, Асенсио и Фабиан Руиз. Екипата на Арсенал и Артета одново тргна со Тросард во офанзивата, во отсуство на капитенот Одегард.
Арсенал отвори многу поквалитетно и поофанзивно, а тоа резултира со два гола во мрежата на Донарума. Хаверц на асистенција на Тросард погоди за 1-0, а во 35. минута Сака со многу среќа од слободен удар го совлада италијанскиот чувар Донарума и на Арсенал му донесе солидни 2-0 на полувреме. ПСЖ во првите 45 минути само еднаш се закани кон домашниот гол – Мендеш ја погоди стативата на домаќинот.
Во второто полувреме ПСЖ имаше иницијатива, но Арсенал беше поблиску до нов гол. Мартинели и Хаверц прокоцкаа идеални шанси за убедливи 3-0, но и со овој резултат „топџиите“ се задоволни и по ремито со Аталанта во Бергамо ја остварија првата победа во новата сезона во ЛШ.