Џирона го претрпе и вториот пораз во ЛШ, загуби од Феенорд со 2-3 (1-2) пред своите гледачи во натпревар од второто коло. Нашиот Бојан Миовски имаше дебитантски настап како стартер во елитното натпреварување и успеа да изнуди, но и да промаши пенал за својот тим.

Првите 45 минути понудија голема возбуда за публиката, а на паузата повеќе причини за радост имаа гостинските фанови. Џирона поведе со 1-0 во 19. минута преку Давид Лопез, но Феенорд успеа да возврати четири минути подоцна со автоголот на Колумбиецот Херера.

Гостите поведоа со 1-2 по голот на Антони Миламбо во 33. минута, а потоа имаа и шанса за уште поголема предност, но Ајасе Уеда промаши пенал три минути подоцна, ударот го одбрани голманот Газанига.

Џирона тргна силно во второто полувреме, а тоа резултира со пенал кој беше изнуден од нашиот Бојан Миовски во 67.минута. Напаѓачот ја презеде одговорноста и имаше шанса за свој прв историски гол во ЛШ, но ударот беше одбранет од голманот Веленројтер.

  • Нереализираниот пенал на Миовски против Феенорд:

Само осум минути подоцна домашните навивачи беа во транс кога Дони ван де Бек израмни на 2-2. Сепак,Феенорд одново го замолкна стадионот откако одигра една одлична контра, а нов автогол си постигна Чехот Ладислав Крејчи, за 2-3 и победа на холандскиот тим. Џирона на крајот запиша втор пораз и пропушти шанса за први бодови во Лигата на шампионите.

Италијанската Аталанта без проблеми триумфираше во Гелзенкирхен против украинскиот Шахтјор со 0-3 (0-2).

Стрелци за тимот на Џанпјеро Гасперини беа Џимшити и Лукман во првото полувреме, а конечнниот резултат го постави Раул Беланова, кој беше прецизен во 48 мин. во вториот дел.

 

Украинскиот првак не успеа да упати ниту еден удар во рамките на голот.