Интер Мајами го обезбеди првото место по основниот дел од сезоната во МЛС откако ноќеска победи на гости кај Колумбус.
Тимот од Флорида дојде до триумф со 3-2, а во главна улога беше најдобриот светски фудбалер Лионел Меси. Во финишот од првото полувреме, тој постигна два гола, двата фантастични при што за првиот на магичен начин ја исконтролира топката и ја смести во мрежата, а за вториот погоди од слободен удар.
Во второто полувреме Колумбус намали на 1-2, за Суарез да ја врати предноста на два гола. Домаќините дојдоа и до 2-3, имаа и пенал во 84. минута, но не го искористија, па Интер Мајами дојде до победата која значи и предност на домашен терен до крајот на плејофот.
За првото место по основниот дел во МЛС се доделува и трофеј што официјално е 46. во кариерата на Лионел Меси и тој се зацврсти на првото место како најуспешен во историјата на фудбалот.