Неговиот трансфер во редовите на италијанскиот првак беше еден од најзвучните во текот на летото, а Нено е подготвен уште на стартот да потврди дека заслужува да игра со најдобрите кошаркари во Европа. Вечерва од 19 часот Олимпија Милано гостува кај Монако во првото коло од новата сезона што воедно ќе биде и прв меч за Димтријевиќ во Евролигата.
„Пред нас е многу тежок натпревар со силен ривал кој игра на највисоко ниво веќе три години, а лани стигна и до завршниот турнир од Евролигата. Монако е физичка силна екипа, со кошаркари кои поседуваат голем талент. Натпреварот е тежок предизвик од кој можеме да излеземе како победници само со максимално залагање. Оваа шанса ја чекав со години, привилегија е да дебитирам во Евролигата во тим како Олимпија Милано“, изјави Димитријевиќ пред вечерашниот дуел.
Неговиот старт во италијанската кошарка беше фантастичен имајќи предвид дека пред десетина дена го освои Суперкупот на Италија при што беше прогласен за МВП на турнирот. Минатата сезона Олимпија Милано не се прослави во Евролигата и не успеа да стигне до плејофот, освојувајќи го 12. место во основниот дел. Сега целта е пласман во разигрувањето, а потајно сите се надеваат на место на завршниот турнир.