Екипата на Ал-Ахли е сензационален освојувач на бронзениот медал на Светското клупско првенство (СКП) во ракомет кое се одржува во Каиро, Египет.
На домашно тло, екипата предводена од тренерот Штефан Мадсен успеа да слави над европскиот владетел и рекордер по број на титули на овој настан Барселона која ја совлада со резултат 32-29 (18-15).
Вистински шок приредија „фараоните“ за шампионот на Европа, затоа што Барселона губеше од почетокот па до крајот. Во еден момент, Ал-Ахли имаше и осум гола позитива (16-8), такво нешто не се памети во дуелите на Каталонците.
Мохсен Рамадан го заврши мечот со седум гола, пред Ахмед Адел и Јасер Саифелден со по пет гола, додека кај голманите, Ибрахим имаше 11 одбрани, а Таха седум. Кај Барселона, Јанц постигна шест, а Макуч даде пет гола.
За Ал-Ахли ова е втор медал во историјата на СКП, по оној во 2007 година кога тимот исто така во Каиро дојде до среброто.