Екипите на Арсенал и Манчестер сити ги оправдаа фаворитските улоги и остварија нови победи во Премиерлигата. Екипата од Лондон беше подобра од Саутемптон со 3-1, додека англискиот шампион на „Итихад“ триумфираше со 3-2 против Фулам.
Фулам прв стигна до водство преку Андреас Переира во 26. минута од средбата, но потоа Матео Ковачиќ со удар од далечина го матира гостинскиот чувар на мрежата за 1-1.
Ковачиќ на почетокот на вториот дел повторно постигна прекрасен гол за предност од 2-1, додека Жереми Доку зголеми на 3-1 во 82. минута.
„Граѓаните“ се опуштија во финишот затоа што сметаа дека ја завршиле работата, но набрзо пристигна изненадување од Родриго Муниз кој намали на 2-3 и ја врати неизвесноста во средбата, меѓутоа резултатот не се промени до последниот судиски свиреж.
По првото полувреме на „Емирати“ во кое мируваа мрежите, Камерон Арчер погоди за 1-0 за Саутхемптон во 55. минута, а тоа ги налути „топчиите“ кои во продолжение погодуваа преку Каи Хаверц, Габриел Мартинели и Букајо Сака.
Манчестер сити и Арсенал имаат по 17 бодови и се на делба на втората позиција, односно еден бод помалку од лидерот Ливерпул.
Останати резултати:
Брентфорд – Вулвс 5-3
Лестер – Борнмут 1-0
Вест хем – Ипсвич 4-1