Кошаркарите на белградски Партизан во четвртото коло од Евролигата триумфираа против Макаби Тел Авив со 91-79.

Двете екипи одиграа возбудливо прво полувреме во кое Макаби Тел Авив беше подобар со 46-42, но српскиот гигант се разбуди на почетокот на третата четвртина.

Избраниците на Жељко Обрадовиќ беа во одличен ритам и го наполнија кошот на ривалот, преземајќи го водството пред последните 10 минути од дуелот.

Партизан беше одличен и во последната четвртина во која доминираа на паркетот и триумфираа со 91-79, а тоа беше прва победа на гостински терен по славјето против Алба Берлин во април годинава.

Стерлинг Браун беше најефикасен во редовите на Партизан со 20 поени, три скокови и една асистенција, пред Исак Бонга со 14 поени, додека Ифе Лундберг и Карлик Џоунс постигнаа по 11 поени. Реви Рандолф имаше 19 поени, а Џејлин Хоард 14 поени за Макаби Тел Авив.