Галатасарај продолжува со одличните игри во турската Суперлига и славеше нова победа во истанбулското дерби против Бешикташ со 2-1.
Домаќинот сосема заслужено стигна до нови три бода, а автори на триумфот беа Колумбиецот Давинсон Санчез и нигериската ѕвезда, Виктор Осимен. Тие постигнаа по еден гол во двете полувремиња, доволни за важна победа и враќање на разликата од шест бода пред второпласираниот Самсунспор.
Бешикташ во самиот финиш успеа да го ублажи поразот со голот на Ернест Мучи, за конечни 2-1 во 94. минута од натпреварот.
Галатасарај е непобедлив, сѐ уште ја нема почувствувано горчината на поразот, а досега сезонава има скоро совршен учинок од девет победи и еден нерешен натпревар, што автоматски го прави тимот најголем фаворит за освојување на шампионската титула.