Пелистер го совлада Вардар со 1-0 во историскиот прв натпревар под рефлектори на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола. Македонското Ел Класико според интересот апсолутно ги оправда очекувањата, собра повеќе од 5.000 гледачи на трибините.

Херој на натпреварот е Мирко Ивановски, кој го постигна победничкиот гол во 92.минута и отиде да го прослави со најверните фанови, се качи  на трибината во еуфорија, и потоа доби втор жолт картон за исклучување.

Беа присутни и двете навивачки групи, „Чкембари“ и „Комити“, кои имаа свои пиротехнички шоуа, и беа одличен декор на натпреварот.

На теренот, двете екипи имаа скромен ефект, ако на трибините беше за „петка“, тогаш фудбалската пресметка беше за „нула“.

Но Мирко Ивановски, во финишот го зададе решавачкиот удар и го остави Вардар на дното, со уште еден пораз во Првата лига.

На стартот од натпреварот, Мирко Ивановски, а потоа Вардар имаше свои шанси, преку Дијанеси и Закариќ.

На почетокот на второто полувреме Закариќ се обиде да го лобува голманот на Пелистер и за малку не беше успешен, а потоа две шанси имаше и Дијанеси. Првиот пат шутираше над голот од 14 метри, а потоа се обиде и со удар со глава, но повторно беше непрецизен.

Во 90.минута, Дијанеси упати прецизен удар со глава, по нафрлувањето на Донгмо, но голманот Јовчевски успеа да одбрани и исфрли во корнер.

Голот се случи на спротивната страна. Мирко Ивановски по еден дуел во шеснаесетникот на Вардар, со прецизен удар го матираше Филип Гачевски. Еуфорија на трибините за Пелистер и уште едно разочарување за Вардар и неговите „Комити“.

По овој триумф, Пелистер се наоѓа на седмата позиција со 16 бода, а Вардар е последнопласиран, со само осум освоени бода.

Голот на Мирко Ивановски можете да го видите почнувајќи од 2:19:30…