Денеска и утре на програмата е четвртото коло од ЛШ, а дербито се игра во Мадрид каде актуелниот европски шампион Реал го пречекува италијанскиот Милан.

„Росонерите“ одамна не се она што претставуваа пред 2-3 децении, но името остана и се уште се еден од најпопуларните клубови во Европа. Денешниот дуел ќе биде и пресметка на најтрофејните екипи во историјата на ЛШ бидејќи Реал е убедливо прв со 15, а зад него е Милан со 7 титули во елитното натпреварување. Денешниот дуел ќе биде посебен и за Карло Анчелоти кој добар дел од својата тренерска кариера ја помина на клупата на Милан и со овој тим освои два од петте трофеи во ЛШ.

Интересно е тоа што двете екипи го очекуваат денешниот меч во релативно лошо расположение. Реал не играше во текот на викендот поради поплавите во Валенсија, па последен натпревар на кој што настапи е Ел Класико во кое доживеа дебакл на домашен терен од Барселона со 0-4. Два дена подоцна дојде фамозното доделување на Златната топка на кое се очекуваше најголемата индивидуална награда да ја добие Винисиус, но тоа не се случи и само дополнително ја наруши атмосферата во тимот.

Милан во текот на викендот забележа победа на гостувањето кај Монца, но одигра исклучително лош натпревар, а во тимот владее големо несогласување меѓу некои од главните играчи и тренерот Фонсека. На удар е Леао кој никако да најде заеднички јазик со својот сонародник, Абрахам исто така, а и Тео Ернандез не е во најдобри односи со „шефот“.

Сето тоа се одразува на резултатите, па Милан има само една победа досега во ЛШ и се наоѓа на 25. место. Реал има шест бода и е 12., а евентуален триумф денеска ќе го однесе многу блиску до директен пласман во нокаут фазата и покрај тоа што има уште четири натпревари до крајот на групниот дел. Реал и Милан последен пат во Лигата на шампионите играа пред 14 години и тоа во групната фаза при што „кралевите“ на домашен терен славеа со 2-0, а на Сан Сири беше 2-2.

Денеска на терен излегуваат и македонските репрезентативци Бојан Миовски, Стефан Ристовски и Аријан Адеми. Жирона гостува кај ПСВ, а Динамо кај Слован Братислава и тие два меча се играат во раниот термин, од 18:45 часот.