Екипата на Милан загуби два бода на гостувањето на Сардинија. Натпреварот со Каљари беше исклучително возбудлив, беа постигнати шест гола, дуелот заврши 3-3, а домаќините се спасија од пораз со гол во самиот финиш.

Мечот почна шокантно за Милан, Зортеа уште во втората минута донесе водство за Каљари од 1-0, но росонерите брзо се разбудија.

Следуваше шоу на Рафаел Леао кој даде два гола во првото полувреме за комплетен пресврт и предност на Милан од 2-1.

По осум минути игра во второто полувреме Запа го изедначи резултатот, но во 69. минута Абрахам даде гол и ја врати предноста на росонерите, овојпат од 3-2.

Се чинеше дека Милан ја има победата во свои раце, но ја испушти во самиот финиш. Запа со прекрасен гол во 89. минута донесе голем бод за својот тим, и натпреварот заврши 3-3.