Екипата на Ливерпул продолжува да ги меле своите противници во ЛШ, ја постигна и петтата победа во исто толку натпревари. Совладан е актуелниот европски првак Реал Мадрид со 2-0. „Кралскиот клуб“ немаше никакви шанси на „Енфилд“ за позитивен резултат, бидејќи Ливерпул беше доминантен во текот на целиот натпревар и заслужено стигна до победата.
Аргентинецот Алексис Мекалистер во 52.минута донесе водство за црвените. Набрзо потоа по еден несмасен старт на Робертсон над Васкез беше досуден пенал за Реал. Килијан Мбапе имаше шанса за израмнување, но не успеа да го реализира пеналот. Келехер го одбрани неговиот удар од белата точка во 61.минута.
Потоа и Мохамед Салах беше соборен во казнениот простор, но и тој не успеа да го реализира пеналот во 70.минута, го промаши голот.
Победата за Ливерпул ја осигура Коди Гакпо во 77.минута, кој постигна убав гол со глава по изведениот корнер.
По пет одиграни кола тимот на Ливерпул е единствен со максимален учинок и е лидер на табелата со 15 бодови, додека Реал Мадрид падна дури на 23. место.
Борусија Дортмунд им одржа вистинска лекција на фудбалерите на Динамо Загреб, триумфирајќи на „Максимир“ со 0-3. Головите за милионерите ги постигнаа Гитенс, Бенсабаини и Гираси. Македонскиот интернационалец Стефан Ристовски беше стартер во тимот на Динамо.
Борусија почна офанзивно уште од самиот старт на мечот. Шанси имаа Бенсебаини и Мален, а кај Динамо, Пјер-Габриел беше во ситуација да се закани. Борусија дојде во водство со голот на Џејми Гитенс во финишот на првиот дел. Во вториот дел Реми Бенсебаини во 56. минута ја удвои предноста на германскиот тим. Во самиот финиш Серху Гираси во 90. минута го постави конечниот резултат.
ПСВ со голем пресврт го победи Шахтјор Доњецк со 3-2, а Бенфика славеше на гости против Монако со 2-3. Лил ја победи Болоња со 1-2 на гости, а Селтик и Клуб Бриж ремизираа 1-1.