Екипата на белградска Црвена Звезда го оствари првиот триумф во ЛШ оваа сезона, откако со пресврт и го совлада германскиот вицешампион Штутгарт со 5-1.

Стратегот на Звезда ја постави екипата доста високо, неговите фудбалери гинеа на теренот и го играа најдобриот натпревар оваа сезона во ЛШ. Арената „Рајко Митиќ“, одново беше исполнета скоро до последно место, а дуелот започна со брз гол за гостите по само пет минути игра, стрелец беше Демировиќ кој ја затресе мрежата поради лоша реакција на дефанзивците на Звездината одбрана.

Но „црвено-белите“ не се предадоа, туку понесени од пеколната атмосфера на трибините, само седум минути подоцна израмнија на 1-1, а потоа се изборија и за целосен пресврт и водство на полувреме. Гостинската мрежа ја затресе токму фудбалер на Штутгарт, Силас, кој игра на заем во Црвена Звезда. Напаѓачот од Конго по еден извонреден продор постигна одличен гол во мрежата на Штутгарт.

Следуваше нова огромна радост за звездините фанови на трибините кога Раде Круниќ погоди за пресврт и водство на српскиот шампион од 2-1.

Тој сочека една нафрлена топка во казнениот простор и со силен волеј удар ја закова во противничката мрежа.

Шоуто во Белград продолжи и во второто полувреме, откако Иваниќ погоди за убедливи 3-1, додека резервистот Радоњиќ со два прекрасни гола од мајсторски изведени контранапади ги постави конечните 5-1 и стави точка на големиот триумф.

Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски со неговиот тим Џирона забележаа нов пораз во ЛШ, откако на гостувањето во Грац кај Штурм беа поразени со минимални 1-0. Шпанскиот тим може да жали што и на оваа средба остана со празни раце, бидејќи не успеа да ги искористи своите шанси, а најголемата ја имаше Иван Мартин во првиот дел, кога од еден метар го промаши празниот гол.