Фудбалерите на Иран не ја пееја националната химна на земјата пред почетокот на натпреварот од првото коло од групата Б против Англија на Светското првенство во Катар
Тие молчеа за време на интонирањето на националната химна за поддршка на жртвите од антивладините протести во Иран, јавуваат британските медиуми.
Капитенот на Иран Алиреза Јаханбахш во најавата за мечот со Англија најави дека сите фудбалери заедно ќе одлучат дали ќе ја пеат или не националната химна.
Фудбалерите на Иран на крајот решија да не ја пеат националната химна пред почетокот на натпреварот против Англија.
Храбар потег со оглед на тоа колку е брутален режимот во Иран, кој строго ги казнува своите граѓани за многу помали форми на протест против владата.
Протестите во Иран започнаа на 16 септември поради смртта на 22-годишната Махса Амини, за време на нејзиниот престој во притвор во полиција за морал.
СП, кое започна во неделата во Катар, ќе трае до 18 декември. Во групата Б покрај Иран и Англија се уште селекциите на Велс и САД.