Францускиот ас Килијан Мбапе е во голгетерска форма и му донесе тешка но заслужена победа на Реал Мадрид над Леганес во 29. коло од шпанската Примера.

Фудбалерите на Анчелоти иако беа апсолутни фаворити на овој дуел, мораа да вложат доста труд, па дури по пресврт во второто полувреме стигнаа до победа и трите бода.

Реал Мадрид дојде до важна победа против Леганес на домашен терен со 3-2. „Кралевите“ беа во минус и губеа на полувреме (1-2), но французинот го одлучи натпреварот, донесе победа и продолжуваат во битката за шампионската титула. Со оваа победа, Реал има 63 бодови, колку и лидерот Барселона, која има одиграно натпревар помалку.

Мбапе во 32. минута донесе водство на Реал од сомнителен пенал, но Леганес само минута подоцна брзо возврати преку Диего Гарсија и го изедначи резултатот. Гостите продолжија  со одлична игра, а во 41. минута Дани Раба направи пресврт,  и ги замолкна домашните фанови на „Сантијаго Бернабеу“.

Во вториот дел екипата на Анчелоти тргна во офанзива. На самиот старт по еден карамбол Џуд Белингам во 47. минута беше најприсебен и го совлада извонредниот голман Дмитровиќ. Победата за Реал ја донесе Килијан Мбапе во 76-та минута со прекрасен гол од слободен удар.