ЛА Лејкерс дојде до победа на Сакраменто Кингс 117:92 без Леброн Џејмс, кој не настапи поради здравствениот и безбедносен протокол на НБА лигата. Во превод, најголемата кошаркарска ѕвезда на денешницата го зафати коронавирусот.
Според правилата за оваа сезона, вакцинираните играчи влегуваат во протоколот за ковид само во случај на позитивен тест, а невакцинираните дури и ако биле во контакт со заразено лице. Лејкерси официјално не објавија зошто Џејмс е под протокол, но доколку е вакциниран, како што рече, причината е јасна.
Џејмс ќе биде надвор од тимот најмалку 10 дена помеѓу позитивен тест и најмалку два негативни, направени со разлика од 24 часа.
Ентони Дејвис објави дека Леброн му рекол дека е асимптоматски случај и се чувствува добро.
За нивна среќа, Лејкерси ги очекуваат малку натпревари, па освен синоќа, Џејмс ќе ги пропушти само натпреварите против ЛА Клиперс, Бостон и Мемфис, а би можел да се врати за пресметка со Оклахома Сити.
Оваа сезона Џејмс веќе отсуствуваше на 11 натпревари поради повреди на стомачниот ѕид и зглобот и суспензија поради инцидентот во Детроит. Лејкерси се мачат со него и без него во составот. Со сооднос 12-11 го држат осмото место на Запад.
Во отсуство на Џејмс до победата синоќа ги предводеа Ентони Дејвис со 25, Расел Вестбрук со 23 и Малик Монк со 22 поени.