Веста дека Новак Ѓоковиќ ќе настапи на АТП купот во Сиднеј и дека се пријавил за Австралија опен, многумина ја протолкуваа како знак дека најдобриот тенисер во светот ќе настапи на првиот Грен слем турнир на сезона.
Многумина споменаа и дека Ѓоковиќ би можел да добие медицинско ослободување доколку не биде вакциниран, но директорот на Австралија опен, Крег Тајли, вели дека тоа нема да се случи.
“Фактот што Ѓоковиќ е на прелиминарниот список на учесници не значи дека ќе игра на Австралија опен. Да биде јасно, никој не може да игра на турнирот ако не е вакциниран, вклучително и Ѓоковиќ. Единствената можност освен да бидете вакцинирани е да са натпреварувате се ако сте добиле оправдување за медицинско ослободување од австралиските власти, но досега никој не го добил“, изјави лидерот на Австралија опен и додаде дека смета дека 95 отсто од тенисерите се вакцинирани.
Ѓоковиќ јавно не се изјасни дали е вакциниран, а доколку се натпреварува на Австралија опен, ќе ја брка својата 10. Грен слем титула на тој турнир и рекорден 21. Грен слем трофеј во кариерата, со што ќе биде најтрофејниот играч во историјата.