Теодор Симиќ големиот талент и син на прославениот македонски кошаркар Тони Симиќ на средбата со Словачка доби шанса да биде на паркетот и да ги одигра првите минути како сениорски репрезентативец за Македонија. Селекторот Драган Бајиќ му даде неколку минути на средбата со Словачка, а нашата надеж ги искористи и го постигна и првиот кош во сениорскиот дрес на Македонија.
Симиќ очекува дека ќе добие шанса и вечерва против Швајцарија.
„Чувството е феноменално кога си дел од А репрезентацијата, каде што иако сум најмал, одлично сум прифатен од соиграчите. Така е и атмосферата во тимот – одлична. Неможе да се опише со зборови она чувство за моето деби на теренот и првиот поен во сениорската репрезентација. Се виде мојата реакција после дадениот кош.Тоа се големи емоции и тоа покажува сè.
Што се однесува за вечерашниот натпревар со Швајцарија, ќе биде исто така тежок за нас како и оној првиот. Се работи за одличен противник. Но со победата над Словачка се крена самодовербата во тимот. Покажавме дека имаме квалитет. И ако одиграме како против Словачка во одбраната, нема да имаме проблем на овој натпревар. Нормално очекуваме уште поголема подршка од трибините за овој натпревар“, вели Симиќ.
Натпреварот се игра вечерва од 19:00 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.