Српскиот напаѓач Душан Влаховиќ наскоро ќе стане најскапиот српски фудбалер на сите времиња.
Угледниот италијански весник „Кориере дело Спорт“ тврди дека Влаховиќ постигнал договор со Атлетико Мадрид, кој е подготвен да одвои неверојатни 70 милиони евра за овој трансфер.
„Влаховиќ во Атлетико – завршена работа“, е насловот на италијанскиот весник.
Влаховиќ играше за Фиорентина, каде што помина три години. Српскиот напаѓач експлодираше во дресот на виолетовите минатата сезона. Тој постигна 21 гол и стана еден од најбараните напаѓачи на пазарот. Интер, Тотенхем, Арсенал и други европски гиганти беа заинтересирани за него.
Фиорентина се обиде да го продолжи договорот со Србинот, му понудија три милиони евра годишно, но очигледно понудата на Мадрид беше попримамлива. Доколку се реализира овој трансфер, Душан ќе стане најскапиот српски фудбалер во историјата.